Франција побара нафтата од Иран и Венецуела, двете земји кои се под американски санкции, да се врати на меѓународниот пазар за да се ублажи недостигот предизвикан од намалените испораки од Русија, што ќе го поттикне зголемувањето на цените, изјави денеска француски официјален претставник.

САД викендов на самитот на Г7 во Германија предложија во новиот пакет санкции против Москва поради нејзината инвазија на Украина да се ограничат цените на нафтата за да се намалат руските приходи од продажбата на црното злато.

Плафонот на цената ќе се утврди или со ограничување или со забрана на осигурување или со финансирање на испораките на руска нафта над одредена сума. Тоа ќе ги спречи ефектите од прелевањето на високите цени на нафтата врз земјите со ниски приходи, што и онака се борат со високите трошоци за храна и енергија.

Според официјални претставници на кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон, од друга страна, Париз сака механизмот за ограничување на цените да вклучи што е можно повеќе производители на нафта, а не само Русија.