Студентски и средношколски организации во Франција повикаа на мобилизација и учество на митингот на „Жолтите елеци“ в сабота. Тие порачаа дека нема да се откажат од ниту едно од своите барања.
„Нема да се откажеме и нема да правиме компромиси. Ве покануваме сите да се придружите на движењето „Жолти елеци“ в сабота за конечно да ја оживееме оваа борба“, изјави претседателот на Унијата на средношколци (USL), Ријад Рани, за време на денешниот студентски и средношколски марш во Париз, пренесува „Фигаро“.
Генералната секретарка на синдикатот на просветни работници Снес-ФСУ, Софи Венитетеј, исто така најави учество на протестите.
„В сабота, каде и да бидат презентирани нашите барања, ние ќе бидеме присутни“, изјави таа.
Главните младински организации веќе неколку дена бараат средба со францускиот премиер Себастијан Лекорни.
Денеска низ Франција се одржаа демонстрации на средношколци, со што започна петтиот бран мобилизации за повеќе средства за училиштата и образованието. Студентскиот сојуз тврди дека 90 проценти од факултетите во земјата се блокирани или затворени.
Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека низ земјата биле одржани 360 демонстрации пред училишта, на кои се собрале околу 30.000 луѓе. До пладне, уште 21.000 демонстранти учествувале во маршевите што веќе биле започнати.
Податоците на Министерството за високо образование за прекините во работата ги опфаќаат универзитетите што се блокирани, окупирани или административно затворени, како и установите погодени од други форми на блокада.
