Баритонот Васил Гарванлиев останува македонски претставник на Евросонг во мај во Ротердам, Холандија. Така одлучи Комисијата за утврдување одговорност во МРТ, како активна членка на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) по реакциите на јавноста предизвикани пред сè од видео спотот на годинашниот македонски претставник на Евросонг како и неговите изјави во јавноста.

Во краткиот разговор пред одлуката на МРТ дали тој ќе нѐ претставува во Ротердам или не со автобиографската песна „Here I Stаnd“ Гарванлиев даде одговор на неколку прашања за „Независен“.

Како една искрена, отворена, ранлива, љубопитна и насмеана душа која не се плаши од детето во себе и со тешка животна приказна зад себе, дали очекувавте ваква реакција на спотот и на песната и дека сплет на околности ќе ви ги загорчат радоста и честа да учествувате на Евросонг во Ротердам?

Кој би очекувал такво нешто?! Радоста да, но честа во ниеден случај. Во целиот сплет на околности вистината ќе си го најде допрва патот. Јас ќе останам фокусиран на проектот и одговорноста за да се претставиме во најдобро светло.

Што најмногу ве погоди во реакциите на поединци и јавноста?

Пласирањето невистини и клевети, изнесување информации и заклучоци без никакви аргументи и факти.

Дали сте подготвени дека може МРТ да донесе одлука да не учествувате на Евросонг 2021?

МРТ донесе одлука и таа е позитивна. Одиме во Ротердам.

Кои работи се досега завршени, и кои уште обврски ве чекаат околу Евросонг?

Во моментов се во тек финалните подготовки за сценскиот настап и костимографија. На сценскиот настап работи проверено дуо од Шведска, режисерките Тине Матулеси и Мари Рибергер. Со бек ап настапот кој го снимавме во Белград ги увидовме уште подобро сите замислени елементи како функционираат на сцена и беше одлична генерална проба за нас. Сега знаеме на што треба дополнително да се фокусираме за Ротердам. Костимографијата за сценскиот настап ќе биде дело на Раде Василев.

Кои ви се плановите за понатаму, без разлика на исходот?

По настапот на Евровизија ќе го објавам моето ЕП на анgлиски јазик за меѓународен пазар. Сега за сега целата енергија ни е насочена за Ротердам.