Во Собранието денеска се одржа протоколарна средба на претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши, со британскиот амбасадор Метју Лосон.
Како што информираат од собраниската прес-служба, на средбата биле констатирани одличните билатерални односи меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство, кои се одвиваат на редовна основа со развојна динамика.
Гаши посебно ја издвоил соработката на ниво на претседатели на парламенти, со осврт на неговата минатогодишна официјална посета на Британскиот парламент. Го истакнал значењето на проектната помош за Собранието што се одвива преку Весминстер фондацијата за демократија и со која се зајакнуваат функциите на Собранието и Службата.
Амбасадорот Лосон изразил задоволство за потврдата на продолжување на веќе воспоставената соработка.
Претседателот Гаши го информирал амбасадорот за процесот на дигитализација на Собранието, за зајакнувањето на надзорната улога на Собранието, како и за подигнувањето на нивото на политичката култура во Собранието и подобрувањето на перцепцијата на законодавниот дом во јавноста.
Двајцата соговорници размениле мислења околу претстојните активности на Собранието, можностите и модалитетите во рамките на веќе утврдената соработка, но и за потенцијалите на друг вид на соработка од взаемен интерес. Било изразена посебна благодарност до Обединетото Кралство за водечката улога и поддршка во развитокот и во клучните историски моменти на нашата земја како независна европска демократија.
