Пратениците утре ќе мора сами да најдат начин и дојдат на работа

Претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, денеска изјави дека пратениците утре ќе мора сами да најдат начин да дојдат на работа по најавениот протест на ССМ кој започнува во 9 часот.

„На денешната координација со пратеничките групи зборуваме дека ќе има протест. Се договоривме сите координатори да разговараат со пратениците да најдат начин да дојдат на седница, без да го попречиме правото на протест на граѓаните. Не верувам дека некој со кола би дошол, дали ќе дојдат пеш или порано, не знам како ќе биде. Се договоривме дека ние треба да продолжиме да работиме, а исто така ќе го почитуваме правото на протест“, рече Гаши.

Без попречување на влезот и мерки од МВР

Претседателот на Собранието додаде дека не очекува пратениците да им имаат проблеми со влезот во зградата.

„МВР прави проценки како треба да се реагира, претставници на кабинетот имаа средба со нив. МВР ги презема сите свои мерки и се надеваме дека ќе биде мирно и како што треба. Не можете вие човек да спречите да влезе“, изјави Гаши.

Коментар за синдикалните барања

Гаши истакна дека проблемот со платите е комплексен и не може да се реши само со покачување.

„Начелно, сите се бориме за благосостојба на граѓаните. Тоа е прв приоритет, но не може да се реши само со зголемувањето на платите. Тоа да зависеше од мене, веднаш би ги покачил платите. Тоа е комплексно прашање. Треба да се земе предвид целата економска слика. Мислам дека треба да се направи нивелирање на платите по приоритет, да определиме кои функции се најбитно за државата. Од таму да одиме – претседател на државата, на Собрание, премиер, пратеник, овој – оној директор… и да имаме поправедно нивелирање на платите. Мислам дека на таков начин најправедно би било да се реши тој проблем“, рече Гаши.