Однесувањето на Генералниот конзул на Република Бугарија во Чикаго Светослав Станков треба да биде предупредување за македонските власти какви ќе бидат следните потези на власта во Софија.

Тој бара од САД да се минимизира месецот на македонско-американското наследство во сојузната држава Мичиген. Конректно, од САД се бара да се најде решение за заштита на наследството на „македонско-бугарската заедница“ во Мичиген, иако таква заедница не постои.

Бугарите стравуваат дека Македонија и Македонците ќе го присвојат културно наследството на бугарските Американци.

Во прокламацијата минатиот месец Витмер напиша дека е важно да се истакне придонесот и културното влијание на македонските Американци, кои придонесуваат за американската култура преку „бизнис, спорт, уметност, политика, медицина, право, култура, кулинарски вештини и бројни други области“.

Прокламацијата повеќе не може да се најде на веб-страницата на гувернерката Витмер.

За Бугарите во САД Македонија е географски регион, кој спаѓа во територијата на четири различни суверени држави: Бугарија, Грција, Албанија и Македонија (поранешна југословенска република, независна од 1991 година). Терминот „македонски, според нив“ и не може да носи никаква референца на конкретнa македонскa етничка група во годините пред 1944 година, се вели во писмото.

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), на чија иницијатива беше донесена прокламацијата, рече дека ќе бара заштита од ФБИ поради притисокот од бугарската влада.

Станува јасно дека следното барање на Бугарија ќе биде да се откажеме од македонската дијапора во САД која гласно ги брани правата на Македонците на американскиот континент од пропагандата на бугарската дијапора која за жал е помоќна.