Македонскиот генијалец Македон Димитровски по бројните награди кои ги освои, дојде до врвно достигнување кое ќе го заокружи неговото знаење.

Неговиот татко, Владимир Димитровски ја информираше јавноста дека Македон е примен на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД на програма што е наменета за ученици со исклучителни академски способности од целиот свет.

По тестирањето, Македон го добил и признанието „Гранд хонорс / СЕТ“, за исклучителни резултати по математика и вербални способности. „Grand Honors“ претставува највисоко признание за исклучително високи резултати во рамките на CTY тестирањето, додека SET, односно „Study of Exceptional Talent“, е програма и признание на „Џонс Хопкинс“ за ученици кои постигнуваат резултати значително над очекуваното за нивната возраст.

Успесите на Македон се надополнуваат и со резултатот од САТ тестот, на кој на 11-годишна возраст освоил 1.440 поени – 740 по математика и 700 по читање и пишување.

Зад бројките и признанијата, како што истакнуваат неговите родители, стои огромната љубов кон знаењето. Македон досега има освоено повеќе од 20 златни медали на меѓународни математички натпревари.