Во првите 100 дена раководење со општината, спроведовме низа мерки, активности и проекти кои значат директен бенефит за жителите на Општина Илинден. Иако наследивме исклучително тешка финансиска состојба како резултат на недомаќинско работење во минатото, со долг од над 4.300.000 милиони евра од страна на Општината и општинските претпријатија, во изминативе три месеци Општина Илинден и новиот тим започнаа енергична и исклучително активна општинска политика, секогаш имајќи ги предвид потребите на граѓаните за подобар и поквалитетен живот, истакна градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски на денешниот регионален отчет „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт отчет на ВМРО-ДПМНЕ“

„Започнавме со капитален проект за изградба на фекална канализација во локалитет „Јака“ во вредност од речиси 20 милиони денари со кој се опфаќаат околу 300 домаќинства, Продолживме со реконструкцијата на главната улица 532 која ги поврзува населените места Марино и Кадино во должина од 2 километри“, посочи Георгиевски.

Тој кажа дека дека следува изградба на ново основно училиште во Илинден каде ќе се воведе и целодневна настава, а ќе има и сензорска соба за децата со попреченост.

Георгиевски кажа дека со цел подобра комуникација со централното градско подрачје во вечерните часови и по барање на жителите е воведена ноќна автобуска линија во Општина Илинден во соработка со ЈСП Скопје. За прв пат се воведува еднократна парична помош од 5.000 ден. за секое новороденче во Општина Илинден.

Тој додаде дека се исчистени над 13,000 метри канали со цел заштита од поплави во сите населени места. Исчистени се и многу диви депонии на територија на општина Илинден во соработка со ЈКП Илинден и со општествено одговорни фирми.

„Во рамки на проектот „Светла Општина Илинден” во соработка со јавното претпријатие Илинден сменети се над 300 парчиња ЛЕД светилки како и нови со поставување на нови столбови во сите населени места“, рече Георгиевски.

Георгиевски изјави дека силно се вложува во образованието и училиштата преку низа активности кои ќе го подобрат секојдневието на учениците, како опремување на кабинетите со соодветен инвентар, уредување на школските дворови, замена на старата компјутерска инсталација со нова, донирани се нови електронски уреди-таблети за реализација на наставната програма по Новата концепција за четврто одделение.

„Изготвена и доставена апликација до МОН за изградба на училишна спортска сала во населба Илинден. Изготвена е и проект за проширување на просторни капацитети на постоечката детска градинка Гоце Делчев во населба Илинден. Изготвена и доставена апликација до Јапонската амбасада во Република Македонија за промена на кровната конструкција на Основното општинско училиште Ристо Крле во Кадино“, посочи Георгиевски.

Градоначалникот потенцираше дека е потпишан и меморадум помеѓу Општина Илинден и општествено одговорни компании од бизнис заедницата во Илинден за подобрување на образовниот процес, како една од најзначајните области за развој, подобрување на квалитетот и ефикасноста на стручното образование во СОСУ Илинден.

„Општина Илинден и нејзините жители заслушуваат многу повеќе од она што досега го добивале. Затоа Ви ветувам дека заедно со Вас и мојот тим ќе се вложиме максимално за реализација на нашата заедничка програма, која Вие ја верификувавте на последните локални избори.Ова нема да е лесна задача, но Ве уверувам дека со голема посветеност и многу работа истата ќе ја реализираме“, кажа Георгиевски пред присутните.