Заради ситуацијата со Ковид 19- пандемијата Германија ја врати Северна Македонија на листата на ризични земји, а нови ковид протоколи има и за влез во Финска и Хонг Конг, соопшти денеска Министерството за надворешни работи.
Со најновата одлука на германските власти, од македонските државјани при влез во Германија се бара електронско пријавување и поседување потврда за вакцинација или за прележан Ковид или негативен ПЦР тест. За лицата кои не биле заразени со Ковид и не се вакцинирани, следува мерката за 10-дневен карантин, при што можат да бидат ослободени најрано на петтиот ден со тестирање за Ковид 19. Од оваа мерка се ослободени невакцинираните деца до шест години, на кои сепак карантинот им се прекинува по пет дена.
Со нов Ковид-протокол е и Република Финска. Сите лица, вклучувајќи и наши државјани, кои не можат да се вакцинираат против Ковид 19 од медицински причини, можат да влезат во Финска доколку имаат лекарско уверение кое го покажува тоа, заедно со потврда за негативен Ковид 19 тест, не постар од 48 часа. За сите останати (освен оние со регулиран престој) кои пристигнуваат во Финска и натаму се задолжени да приложат доказ за целосна вакцинација или оздравување од Ковид 19 (во изминатите шест месеци) заедно со негативен тест за Ковид (не постар од 48 часа).
Истовремено, Владата на Хонг Конг Специјален Административен Регион донесе одлука за измена на условите за влез во Хонг Конг, согласно која Република Северна Македонија се наоѓа во Група А земји каде се детектирани случаи на омикрон. Поради тоа, се ограничува влез на наши државјани и странци (кои не се резиденти на Хонг Конг), а кои во изминатите 21 ден престојувале во Северна Македонија. Дополнително, дозволен е влез за резиденти на Хонг Конг, но со 21 дневен задолжителен карантин и 6 ПЦР теста.
Повеќе информации тука.