-Мора да направиме се што е во наша моќ за да ја прекинеме оваа динамика, рече министерот за здравство Јенс Шпан, посочувајќи на рекордниот број на новозаразени луѓе во Германија.
Епидемиолошкиот институт Роберт Кох денеска пријави 48.640 нови случаи на коронавирус, нешто помалку од вчера, но 11.500 повеќе од минатиот петок. Седумдневната инциденца се искачи на 263,7, највисока вредност од избувнувањето на пандемијата.
Шпан препорача на јавни места, без разлика дали се работи за угостителски објекти или културни и спортски институции, да се воведе т.н. правило 2Г, кое дозволува влез само на луѓе кои се вакцинирани или прележале Ковид-19.
Редовно тестирање на работните места се препорачува за оние кои не се вакцинирани.
-Кај нас не е пет до дванаесет, туку пет по дванаесет, рече директорот на Институтот Роберт Кох, Лотар Вилер на заедничката прес-конференција.
И Шпан и Вилер ги повикаа оние граѓани кои се уште не се вакцинирани да го сторат тоа.
-Потребна ни е 90 отсто вакцинација за да постигнеме имунитет, а ние сме со милји далеку од тоа, рече Вилер, посочувајќи на моменталната стапка на вакцинација во Германија од 67,4 отсто.
Шпан најави зголемување на приходите за лекарите кои вршат вакцинација, што треба да влијае на брзината на вакцинирањето.
Од утре, тестовите за коронавирус повторно се бесплатни за сите граѓани еднаш неделно. Оваа мерка беше укината во септември бидејќи властите сметаа дека со нејзино укинување може да принудат повеќе граѓани да се вакцинираат.