Официјален Берлин не се согласува со одлуката на САД да дозволат укинување на патентите за вакцините пред Светската трговска организација (СТО).
– Забелешката на САД за укинување на заштитата на патентите за вакцините против Ковид-19 има значителни импликации за производството на вакцините. Ограничувачките фактори во производството на вакцините се производствените капацитети и постигнувањето стандарди на висок квалитет, а не патентите, соопшти германската влада.
Според официјален Берлин, фармацевтските компании веќе работат со партнери за да се зголемат производствените капацитети.
– Заштитата на интелектуалната сопственост е извор на иновации и мора да остане тоа и во иднина, рече портпаролка на владата во Берлин.
Во Германија е седиштето на Бионтек, компанијата која ја разви првата вакцина одобрена за користење на Запад во соработка со Фајзер.
Уште една германска компанија-Кјурвак е во последната фаза на клинички тестови на вакцина, и се надева на авторизација во ЕУ во следните недели, соопшти Дојче Веле.
Претходно, германскиот министер за здравство Јенс Шпан рече дека Германија ја поддржува „целта на американскиот претседател да се снабди светот со вакцините како единствен начин за излез од пандемијата“.
Но, оние земји кои произведуваат вакцини „мораат исто така и да ги извезуваат во други земји“, рече Шпан алудирајќи на одбивањето на САД да дозволат извоз на вакцини произведени во земјата.