Во Општата болница во Гевгелија се исполнети до последно место расположливите капацитети за болничко лекување на пациенти заболени од Ковид-19, изјави денеска директорот на болницата, Митко Крџев кој нагласи дека поради неповолната епидемиолошка состојба веќе се размислува каде и на кое одделение би можело да се создадт услови за дополнително сместување.
– Во модуларната ковид болница на лекување се стационирани 14 ковид заболени, колку што има и кревети, а уште девет ковид пациенти се сместени на адаптираното невропсихијатриско одделение што значи дека раположливиот капацитет од 23 кревети за болничко лекување на ковид заболени е максимално исполнет. Покрај тоа, на дневно лекување моментно имаме по 60 ковид заболени пациенти, рече д-р Крџев.
Посочи дека голем проблем во моментот му претставува десеткуваниот медицински персонал затоа што голем број медицински сестри, доктори и болничари се заболени или пак се наоѓаат во изолација поради контакт со заболени лица, така што постои потреба од прераспоредување на персоналот каде што е најпотребно, а во моментот тоа се ковид болницата и Итната медицинска помош.
– Вакцинирани и ревакцинирани се 13 медицински лица кои се ангажирани во модуларната ковид болница и Итната медицинска помош, а викендов првата вакцина ја примија уште триесеттина вработени кои по три недели ќе бидат и ревакцинирани. За вакцинирање на останатиот пријавен медицински персонал чекаме насоки од надлежното Министерство, нагласи д-р Крџев.
Додаде дека останатите одделенија на Општата болница со проширена дејност во Гевгелија работат нормално со исклучок на оперативното каде што се вршеле само итни хирушки зафати.