Универзитетот Калифорнија (UCLA) се согласи да плати отштета од речиси 244 милиони долари за околу 200 жени кои го обвинуваат поранешниот гинеколог Џејмс Хепс во кампусот за сексуален напад.
Во спогодбата, се опфатени 203 жени кои изјавиле дека д-р Џејмс Хепс ги допирал, симулирал сексуален однос со ултразвучна сонда или давал несоодветни коментари за време на прегледи во Студентскиот медицински центар или во неговата канцеларија во кампусот за време на неговата 35-годишна кариера. Деталите не се објавени.
Во стотици тужби се тврди дека УКЛА намерно ја сокрила сексуалната злоупотреба на пациентките на Хепс и му дозволила да продолжи да има непречен пристап до наводните жртви долги години. Во спогодбата поднесена пред судот во Лос Анџелес, универзитетот се согласи да плати 243,6 милиони долари за 203 жени кои тврделе дека Хепс ги нападнал.
УКЛА започна да го истражува Хепс во 2017 година, а тој се пензионираше следната година откако неговиот договор не беше продолжен. Со спогодбата не се опфатени повеќе од 300 пациентки кои се уште го тужат.
Минатиот месец, Универзитетот во Мичиген објави дека ќе плати речиси половина милијарда долари на илјада поранешни студенти и спортисти кои биле сексуално злоупотребувани од лекарот во образовната институција, Ричард Андерсон. Во друг случај, Универзитетот Јужна Калифорнија (УСК) во Лос Анџелес се согласи да плати вкупно 1,1 милијарда американски долари преку три посебни договори на стотици жени жртви против поранешен гинеколог вработен во кампусот, што е најголемиот износ од овој тип на компензација забележан досега.