Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласира во финалето на Ролан Гарос, откако денеска славеше против Шпанецот Карлос Алкараз со 3-1 во сетови.

Во првите два сета се водеше израмнета битка меѓу двајцата тенисери, по што следеше повредата на Алкараз и тоа му овозможи на Србинот лесно да се избори за финале.

„Прво морам да кажам дека Карлос немаше среќа, никој не сака повреда на ваков натпревар. видов дека се мачи, се трудев да не размислувам за тоа и се надевам дека набрзо ќе се врати на теренот. Не е лесно да играте постојано со ваков интензитет. Ништо не е готово, има уште еден меч, а јас го живеам мојот сон и сакам да ја освојам титулата“, кажа Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ ќе има шанса да ја освои 23. гренслем-титула и така да стане најтрофеен во историјата на тенисот.