Во објектите на детската градинка „Весели Цветови“ во општина Кисела Вода се инвестирани повеќе од 3.5 милиони денари во енергетско-ефикасни прозорци, постелини, совремeна кујнска опрема, дидактички материјали и играчки. Градоначалникот Ѓорѓиевски при денешната посета на објектот ”Сончоглед”, истакна дека инвестирањето во унапредувањето на условите за децата и поттикнувањето на нивниот когнитивен развој се стратегија која Општина Кисела Вода ја има зацртано и која во континуитет ќе се реализира и во периодот што следува.

-Инвестициите во раниот детски развој кои овозможуваат поттикување на интелектуалните способности, кои го стимулираат логичкото мислење и ја подобруваат моториката се неопходност која е влог во интелектуалниот, општествениот и емоционалниот напредок на децата. Оттука, Општина Кисела Вода, и јас како нејзин градоначалник, продолжува со уште поголем интензитет да работи на унапредување на условите за децата од предучилишна возраст. Денес, објектите на ЈДГ “Весели Цветови” ги опремивме со играчки и дидактички материјали. Обезбедивме и нови постелини и кујнска опрема, а паралелно, правиме и инфраструктурни подобрувања секаде каде што има потреба. Имено, објектот “Сончоглед” во кој денес се наоѓаме, добива и нови енергетско-ефикасни прозорци, а вакви зафати, кои на директен начин влијаат на подобрување на квалитетот на предучилишното воспитание и образование, се планирани и во другите градинки на територија на Општина Кисела Вода. Јавниот систем на воспитување и едукација треба да се гради на високи стандарди, нешто што предучилишните институции кои се под надлежност на општина Кисела Вода секако ќе им го овозможат на нашите најмлади жители, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.