Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, објави дека во дворот на училиштето „Круме Кепески” во Кисела Вода се гради нов фудбалски терен со квалитетна вештачка трева и детско игралиште со модерна урбана опрема за одмор и рекреација на најмладите жители на општината.
– Водејќи се од максимата дека влогот во најмладите е влог во иднината, активно работиме на обезбедување подобри услови за нашите деца. На површина од околу 500м2, градиме нов фудбалски терен со квалитетна вештачка трева во училиштето „Круме Кепески” во Кисела Вода. И овој проект, како и претходните е од исклучителна важност бидејќи се фокусира на физичкото и психичкото здравје на најмладите жители. Паралелно, во дворот на училиштето се изведуваат и градежни активности за изградба на детско игралиште со модерна урбана опрема и реквизити кое ќе обезбеди современи услови за одмор и рекреација на дечињата од овој дел на општината. Инвестициите во спортската инфраструктура се инвестиции во градење активни и здрави генерации кои ќе бидат темелот на нашата иднина, затоа со несмалено темпо продолжуваме и во иднина. Кисела Вода се менува секој ден кон подобро, а мојот народ го заслужува тоа, напиша градоначалникот Ѓорѓиевски на својата фејсбук страна.