Жителите на Усје, за првпат добиваат градинка. Грaдоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес го промовираше овој проект, кој е петтиот, од седумте капитални проекти по повод роденденот на Кисела Вода. Објектот кој наскоро ќе биде ставен во функција, има капацитет за стотина дечиња, пред се од населбите Усје, Стаклара и Градинар.

-Влеговме во вториот дел од роденденската седмица на Општина Кисела Вода во која промовираме, реализираме 7 капитални проекти, по еден за секој ден. Денес сме во Усје, каде жителите од овој дел на Скопје, за првпат добиваат градинка. Извршивме преадаптација на овој објект. Ги менуваме работите од темел. Градежните активности овозможија можност за згрижување на 100тина деца.

Во овие 350 квадратни метри сега има занимални, јасли, соба за изолација, простории за персоналот, два тоалета од кои еден е за деца со посеби потреби, а во подрумските простории ќе функционира перална. Во овој период што преостанува пред да ги отвориме вратите на оваа нова градинка, ќе се работи на уредување на дворот и обезбедување на дополнителни содржини корисни за раниот детски развој.

Проектот што денес го реализираме има големо значење, пред се’ за дечињата од населбите Усје, Стаклара и Градинар, кои тука ќе имаат приоритет за запишување, но ќе биде од огромно значење и за останатите, бидејќи листите на чекање, како и секаде во Скопје, се огромни, а постоечките градинки се преполни.

Дополнително, овој проблем го надминуваме со отворање на уште две градинки. Со задоволство сакам да најавам дека нова градинки ќе има и во Расадник, каде се подготвува техничка документација, а јаслите во претходно изградената градинка во Драчево веќе функционираат, додека за останатите дечиња се чека соглсност за вработување персонал од централните институции. Воедно, го проширивме капацитетот и на објектот “Синоличка” од ЈДГ “Весели Цветови”, а во следниот период го зголемуваме капацитетот и на објекотот “Кокиче” за 150 нови дечиња.

-Реализацијата на вакви крупни поекти ќе биде одлика и на понатамошното наше функционирање како раководство на Општина Кисела Вода. Ова се резултати од првите 7 месеци, што само укажува на нашата сериозна намера Кисела Вода да ја направиме модерно и современо место за живеење, изјави Ѓорѓиевски.