Го чувствуваме ли светиот празник Св. Климент повеќе од продолжен викенд?
Кога би направиле улична анкета на денешниов ден и би ги прашале случајните минувачи дали знаат кој е првиот словенски универзитет, како се вика првата словенска азбука или што им значат датумите 5 мај 1945 и 7 јуни 1945 година, би добиле поразителни одговори. Подобро да не прашуваме туку да се потсетиме за најсветото нешто на еден народ – јазикот. Често им сугерирам на учениците, кога патуваат низ светот и ги осознаваат туѓите култури, секогаш да пронаоѓаат траги од историјата и културата на својата нација, на својата држава и да не се чувствуваат инфериорно пред големината на другите држави и континенти, каде и да се. Да не беа Византијците, родени во Солун, браќата св.Кирил и св.Методиј, немаше да бидат ниту нивните продолжувачи на ликот и делото, нивните ученици Климент, Наум, Горазд, Сава и Ангелариј. Кога се патува во Италија треба да се види и Рим, не само зашто ,,сите патишта водат кон Рим “ туку дека таму бил и патот на светите мисионери, кои што во далечниот 9 век стасале кај римскиот папа Адријан, кој официјално ја признал словенската азбука. По 11 векови во истиот град на некогашни гладијаторски арени, Папата Јован Павле II во 1980-та година ги прогласил св.Кирил и Методиј за заштитници на Европа. Поголем доказ за древноста и важноста на јазикот, на кој што се држеле беседи на плоштадот „Св.Марко“ во Венеција далечната 867 година, нема! Уште од 9 век светата книга била преведена на старословенскиот јазик, четвртиот библиски јазик јазик.
Пишува: Татјана Алексиќ
Во борбата против непријателите на словенската писменост, тријазичниците, кои супериорно тврделе дека само три јазици се дадени од Бога ( еврејскиот, грчкиот и латинскиот) светите учители дипломатски и со ум разоружувале, укажувајќи дека и сонцето подеднакво грее и дождот подеднакво паѓа за сите луѓе на светот и дека пред нив постоеле уште подревни јазици како сумерскиот, египетскиот…. Моќта на дипломатијата ја покажале и со предавањето на моштите на маченички убиениот папа Климент, претходникот на папата Адријан, по кого омилениот ученик на св. Кирил, Климент, го добил своето име.
Свети Климент, епископ словенски и епископ Велички, со делата е наша светост и светлина затоа што го отворил и изменаџирал првиот словенски универзитет, Охридска книжевна школа (без спонзорства и покровителства), за што целиот свет треба длабоко да се поклони. Вкупно 3500 ученици броел универзитет од 9 век, после кого се појавуваат и Египетскиот(910), Универзитетот во Болоња (1088), Оксфорд (1096), Кембриџ (1209), Харвард (1636) и остатокот од светот. Па малку ли е за да се чувствуваме самобитни? Самобитноста се верифицира, озаконува, кодифицира и официјализира дури 1945 година, на светите датуми кои што секој државјанин на Македонија треба да ги знае, исто како и датумот на својот роденден. На 5 мај е признавање на македонската азбука , а на 7 јуни – признавање на македонскиот правопис! Ако ве праша некој, што ни се случувало цели 11 векови, јазикот наш македонски да се наоѓа во центарот на јазичниот сојуз покрај другите старословенски јазици, а најдоцна да ја добие својата верификација, одговорот е познат. Секогаш низ историјата од две зла сме го бирале помалото, ама сепак зло. Нашата историска голгота и неправда никогаш не била милозлива да ни се посреќи од две добра да го одбереме подоброто.
Сепак, благодарни сме ѝ на историјата, на моравскиот кнез Ростислав кој од две зла, (асимилацијата од латино-германското свештенство од една страна и Византија од друга страна), дипломатски решил да побара помош од своите непријатели, токму од Византија. Им побарал учители, мисионери за ширење христијанство на разбирлив јазик за неписмените Словени кои што во религиозен поглед биле пагани(многубошци).
И така, браќата Кирил и Методија ја создале глаголицата и ја превеле библијата од грчки на старословенски за седумдесет дена (на грчките преведувачи од хебрејски на старогрчки јазик им требало многу повеќе време и многу повеќе луѓе чии имиња не се паметат). Нивниот ученик и следбеник, најсветиот од светителскиот венец, Климент Охридски, верно и одговорно го продолжува нивниот пат. Отвора цркви и училишта, пишува пофални и поучни слова, несебично им го пренесува знаењето на многубројните ученици во Охридската книжевна школа, лекува, ја крои природата ( калемел растенија кои ги носел од Грција во Охрид)…Го пишува најубавото Пофално слово за својот блажен учител и татко св.Кирил, користејќи двојни епитети, како светлозрачниот спомен за нашиот преблажен татко да го чувствуваат сите христољупци, како сонце на трисушното божество. Го благословува со најблажени зборови: блажени да му се прстите, рацете, устата, утробата, нозете, душата, црквата и градот Рим каде што св. Кирил ќе има папски погреб. Така се сакале учителите!
Датата и местото на неговото раѓање не се знаат, но неговиот дух се препознава во секој оној кој што го чувствува како светец, кој што знае дека неговото име го носат Соборниот храм, Градската болница, Народната универзитетска библиотека, Булеварот и уште многу културни храмови низ светот… Секој ден низ светот умира по некој јазик, затоа што јазикот е живо битие и треба да се негува, да се чува. Да му вдахнуваме живот, употребувајќи го како што заслужил по долговековните маки македонски, со љубов, должна почит и уставотворна законска должност.
Нека ни е вечен и свет светиот празник, Денот на Св.Климент! Нека им е вечно убавото име на сите што го носат! Нека ни е вечен Охрид, епицентарот на старословенската култура, град црковен храм, музеј на непроценливо историско, културно и природно богатство!
