Министерството за култура и туризам соопшти дека е подготвено да обезбеди дел од средствата за изградба на спомен-обележје во чест на 63-те жртви од трагедијата во дискотеката „Пулс“, но посочува дека претходно Општина Кочани треба да ја спроведе законски предвидената постапка.
Реакцијата следува откако Кире Димитриев, татко на загинатиот Диме, во емисијата „Претрес со Ландов“ изјави дека на средба во Министерството им било кажано оти средствата предвидени за споменикот биле пренаменети за други цели.
Постапката треба да ја започне Општина Кочани
Од Министерството објаснуваат дека на неодамнешната средба со претставници на Општина Кочани и со дел од семејствата на загинатите биле презентирани законските чекори за подигање на спомен-обележјето.
Според Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, надлежноста за започнување и водење на целата постапка ја има локалната самоуправа. Министерството не ја започнува процедурата, не распишува конкурс, не го избира идејното решение и не одлучува за изгледот и местото на обележјето.
Советот треба да донесе одлука и да формира одбор
Советот на Општина Кочани треба да усвои програма за одбележување на трагичниот настан, да донесе одлука за подигање на спомен-обележјето и да формира одбор што ќе ја води понатамошната процедура.
Одборот потоа треба да распише јавен и анонимен конкурс, да ги разгледа пристигнатите проекти и да го избере идејното решение што ќе биде реализирано.
Парите ќе бидат префрлени по доставувањето на документацијата
Од Министерството нагласуваат дека средствата ќе може да бидат обезбедени и префрлени откако ќе заврши целата законска процедура и ќе биде доставена потребната документација.
Претходно предвидените средства не биле искористени бидејќи постапката не била завршена. Според институцијата, тоа не значи дека се откажува поддршката, туку дека надлежниот орган сè уште не ги исполнил неопходните законски услови.
Министерството наведува дека со претставниците на семејствата било договорено комуникацијата да продолжи по завршувањето на постапката, со цел да се обезбедат потребните средства. За споменикот биле предвидени два милиона денари, кои би покриле дел од трошоците за неговата изградба.
