Во главниот град започна масовна еколошка акција во чии рамки најпрво ќе бидат засадени 3.500 нови садници. Според утврдениот план, до крајот на тековната сезона оваа бројка треба да достигне вкупно 6.000 нови дрвја распоредени на јавните површини низ градот.

„Секое ново дрво е влог во градот во кој живееме и во иднината на нашите деца. Повеќе сенка за летните денови, почист воздух и повеќе зелени места за прошетки, игра и дружење“, напиша Ѓорѓиевски.

Со активностите на терен ќе бидат опфатени постојните паркови, новопредвидените зелени површини долж главните булевари, како и слободните јавни простори во сите скопски маала.

„Ги опфаќаме постојните паркови, новите паркови што ги подигаме, зелените површини долж булеварите и јавните простори низ целиот град. Во секоја општина, за секое маало, за сите скопјани!“, посочува Ѓорѓиевски.

Тој потенцираше дека долгорочната грижа за животната средина и проширувањето на парковските содржини остануваат меѓу главните приоритети на локалната власт.

„Зелено и чисто Скопје е обврска на која сум силно посветен. Секој засаден корен денес е ветување за поздраво и поубаво утре“, вели Ѓорѓиевски.

Крајната цел на овие интензивни активности на терен е создавање поквалитетни услови за живот и поздрава животна средина за сегашните и идните генерации скопјани.

„Зад нас нека останат дрвја што ќе растат, паркови што ќе живеат и дела што ќе траат. За Скопје што дише. За генерациите што доаѓаат. Скопје се сака со дела!“, порачува Ѓорѓиевски.