Во рамки на меѓународната оперативна акција „Global Chain“, насочена кон сузбивање на трговијата со луѓе, илегалната миграција и трудовата експлоатација, во Македонија се откриени три кривични дела и 49 прекршоци, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Акцијата се реализирала во периодот од 8 до 13 јуни 2026 година во рамки на Европската мултидисциплинарна платформа за закани од криминал (EMPACT), а во неа учествувале 59 државиа, целта била откривање и спречување на организирани криминални групи поврзани со трговија со луѓе, сексуална и трудова експлоатација, трговија со деца, присилно питачење и илегална миграција.

На национално ниво биле евидентирани три кривични дела „фалсификување исправа“, како и 49 прекршоци. Од нив, 42 ги сториле странски државјани – од Албанија, Турција, Србија, Индија, Велика Британија, Косово и Бугарија, додека седум прекршоци ги сториле македонски државјани. Најчестиот прекршок бил „престој спротивно со наведената цел и причина“.

Во текот на акцијата бил идентификуван и случај на нелегално посвојување, а покрената е и истрага поврзана со трговија со луѓе преку присилно питачење.

Според податоците од МВР, на меѓународно ниво во рамки на операцијата биле уапсени 1.024 лица, од кои 334 за трговија со луѓе, а 690 за други кривични дела. Идентификувани биле 2.070 жртви и потенцијални жртви, отворени се 465 нови истраги, идентификувани 201 дополнителен осомничен и откриени 80 случаи на фалсификувани документи.