Поранешниот независен кандидат за претседател на Романија, Калин Џорџеску, е уапсен по налог на обвинителите од Дирекцијата за истражување на организиран криминал и тероризам (DIICOT), објави „Digi24“. Истовремено, истражителите вршат претрес во неговиот дом во Могошоаја.
Постапката се води поради сомнение за формирање организирана криминална група и измама со особено тешки последици. Според обвинителството, штетата во случајот се проценува на повеќе од 1,1 милион евра.
Судски извори наведуваат дека Џорџеску бил запрен додека управувал возило, по што бил однесен во својот дом за да присуствува на претресот. Обвинители од DIICOT и припадници на романската полиција во понеделникот извршиле вкупно пет претреси во Букурешт, Могошоаја, Чолпани и Буфтеа.
Според обвинителството, наводната криминална група била формирана во септември 2021 година и ја сочинувале три лица – двајца романски државјани на возраст од 64 и 47 години и 56-годишен италијански државјанин.
Истрагата опфаќа случај во кој едно лице, наводно, било убедено дека може да добие банкарско финансирање од шест милиони евра доколку обезбеди гаранција. Според обвинителите, жртвата потоа префрлила повеќе од еден милион евра.
Подоцна на лицето наводно му било кажано дека финансирањето би можело да се зголеми на 15 милиони евра доколку обезбеди дополнителна гаранција. По ова биле префрлени уште 100.000 евра.
Случајот бил отворен по пријава од бизнисмен. DIICOT уште во септември 2025 година потврди дека води кривична постапка за организиран криминал и измама, но тогаш истрагата била насочена кон непознати лица.
По претресите, лицата опфатени со истрагата треба да бидат сослушани во седиштето на DIICOT. Обвинителството нагласи дека постапката сè уште трае и дека сите лица ги имаат своите процесни права, вклучително и правото на презумпција на невиност.
Џорџеску беше независен кандидат на претседателските избори во Романија во 2024 година и освои најмногу гласови во првиот круг. Уставниот суд на Романија на 6 декември 2024 година ги поништи изборите по објавувањето документи за наводно странско мешање, сајбер-напади и неправилности поврзани со неговата кампања на социјалните мрежи.
