Одбележувањето на 104 години од смртта на Ѓорче Петров
„Ѓорче Петров беше државник пред да постои држава“, порача премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на 104 години од смртта на македонскиот револуционер. Во говорот, Мицкоски се повика на еден од најпознатите цитати на Ѓорче Петров:
– Нашето движење е народно, без разлика на вера и народност, а стремежот е кон автономија, кон самостојност и достоинствен живот, рече премиерот, нагласувајќи дека токму оваа реченица е вградена во основата на неговата политичка програма.
Темелите на промените се во правдата, надежта и институциите
Премиерот изјави дека се поставуваат темелите на нова Македонија – држава што не дели, туку обединува. Тој додаде дека новото време ќе значи изградба на систем што работи во интерес на граѓаните.
– Денес со гордост ги градиме темелите на промените. Тие темели не се само камен и бетон, туку правда, надеж, институции, систем што работи за народот. Се менува секојдневието, се менува начинот на владеење. Како што рековме и пред народот и пред историјата – доаѓа времето на Македонија, изјави Мицкоски.
Ѓорче Петров се бореше за достоинство, права и свест – не само за територија
Во говорот, премиерот посочи дека Ѓорче Петров не се борел само за територија, туку и за суштински вредности како образованието, граѓанските права и достоинството на македонскиот народ.
– Ѓорче Петров веруваше дека борбата не е само за територија, туку за училишта, за граѓански права, за пишување книги, за свест, за достоинство, нагласи премиерот Мицкоски во чест на човекот кој зад себе остави политичко и интелектуално наследство.