Ми претставува особена чест, денес заедно со амбасадорот на ЕУ во Македонија Михалис Рокас и министерката за образование Весна Јаневска, да го отвориме „Националниот натпревар на вештини 2026“ – настан кој ги слави знаењето, трудот, талентот и иднината на младите луѓе, во организација на Занаетчиска комора Скопје, сподели денеска градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски,
Тој истакна дека Градот Скопје со гордост застанал зад овој значаен проект преку кофинансирање, препознавајќи ја неговата вистинска вредност за развојот на стручното образование и создавањето квалитетни и подготвени млади кадри.
Оваа година, натпреварот обединува ученици од десет стручни училишта од Град Скопје и уште 50 училишта од целата држава, кои ќе ги покажат своите знаења и практични вештини во 15 стручни профили од областа на занаетчиството.
Ѓорѓиевски посочи дека ова покрај натпревар, било и потврда дека стручното образование има огромна вредност и дека практичните вештини отвораат врати кон сигурна професија, личен развој и достоинствен живот, како и дека иднината не се создава само зад биро, туку и во работилници, кујни, салони, сервиси, компании и сопствени бизниси.
„Особено радува фактот што интересот за стручното образование постојано расте. Ученици од голем број училишта низ државата активно учествуваа во училишните и регионалните натпревари, испраќајќи јасна порака дека младите сè повеќе ги препознаваат перспективите што ги нудат занаетчиството и практичните професии. Утре, најдобрите ученици ќе ги демонстрираат своите способности според стандарди усогласени со европските практики. Тоа е чекор напред кој отвора нови можности, затоа што нашите млади заслужуваат пристап до европски знаења, стандарди и перспективи“, напиша градоначалникот во објава на Фејсбук.
Тој порача дека Град Скопје и во иднина ќе продолжи континуирано да го поддржува овој настан преку програмите за локален економски развој, како и преку Стратегијата за развој на занаетчиството 2025–2028, изработена во соработка со Занаетчиска комора Скопје.
„Ние силно веруваме во младите и во значењето на стручното образование. Затоа ќе продолжиме да вложуваме во партнерства со училиштата, коморите, компаниите и сите оние кои отвораат нови можности за идните генерации. На сите натпреварувачи им посакувам многу успех, на менторите искрени честитки за нивната посветеност, а на сите партнери голема благодарност што придонесоа овој значаен настан да стане реалност“, нагласи Ѓорѓиевски.
