По повод 123 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, упати порака со која оддаде почит на неговото дело и историско значење.

Ѓорѓиевски нагласи дека името на Делчев не е само дел од историјата, туку симбол на македонската борба за слобода и достоинство.

„Вечна слава и длабок поклон пред делото на великанот Гоце Делчев!

Постојат имиња кои не припаѓаат само на историјата, туку на душата на еден народ.

Такво име е Гоце Делчев, кое е симбол на слободата, на непокорот и на вечната македонска борба за достоинство.

Голема е борбата за идеалите, но уште поголемо е делото на Гоце, кое и денес стои како наш завет пред иднината.

Тој со својот живот ја плати најголемата љубов, кон татковината!

Затоа, споменот за Делчев е дел од кодот на секој вистински Македонец.

Тоа е почит што се носи во срцето, гордост што се пренесува низ генерации и аманет што не смее никогаш да згасне.

И денес, 123 години по неговата смрт, со длабока почит се поклонуваме пред неговото херојство, пред македонската историја и пред славата која вечно ќе живее.

Гоцевата борба е и наша борба.

Борба за опстанок, за достоинство, за македонската вистина и за правото на Македонија да постои исправено пред светот.

Гоце e завет.

Завет, за Македонија!“, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.