Запуштената површина на плоштадот „Македонија“, која граѓаните со години ја нарекуваа „ливада“, конечно добива нов и достоинствен изглед.

– Во тек е целосно хортикултурно уредување на просторот и поставување ново зеленило, со што ова место ќе прерасне во мала зелена оаза која природно и совршено ќе се вклопи во изгледот на централниот градски плоштад -вели градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Тој објаснува дека се заменети и оштетените подни плочки на потегот кај Порта „Македонија“.

– Обновувањето на преостанатите оштетени делови продолжуваат и следната недела – вели Ѓорѓиевски.

Во меѓувреме се обновува и подната фонтана.

– Наскоро, целиот овој простор повторно ќе претставува уредна, современа и привлечна целина, вистинска разгледница на Скопје. Се грижиме за секој простор и за секој детаљ, затоа што центарот на главниот град мора да биде неговото најубаво лице. Нашето Скопје заслужува! – вели Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.