Британските граѓани треба да чуваат основни резерви во своите домови за да можат да функционираат неколку дена во случај на прекин на електричната енергија, природна катастрофа, сајбернапад или друга вонредна состојба. Министерот за одбрана Вес Стритинг ги повика домаќинствата да обезбедат готовина, флаширана вода и храна што не се расипува и не бара подготовка.

Тој предупреди дека Велика Британија се соочува со зголемени ризици од поплави, шумски пожари, сајбернапади и други закани, вклучително и активности на непријателски држави и терористички групи. Во екстремни околности, според него, граѓаните треба да бидат подготвени и за последиците од војна.

Стритинг оцени дека за зајакнување на отпорноста на земјата е потребен пристап што ќе го вклучи „целото општество“. Истовремено, тој нагласи дека кон можните закани треба да се пристапува „внимателно, а не вознемирено“.

Во разговор за британскиот весник „Сан“, министерот рече дека подготовката на населението не претставува големо барање, туку подразбира преземање основни мерки на претпазливост.

„Дали дома имаат сè што им е потребно доколку на одредено време го изгубат пристапот до електронското банкарство? Што ако снема струја?“, праша Стритинг.

Тој посочи дека граѓаните треба да размислат и за тоа како би постапиле доколку се соочат со опасност од шумски пожар или поплава.

„Тоа значи да имате одредена готовина дома, залиха од флаширана вода и конзервирана храна до која можете да пристапите ако снема струја и не можете да готвите на шпорет или во микробранова печка“, рече британскиот министер.

Стритинг ги повика граѓаните однапред да размислат како би се подготвиле за природна непогода, терористички напад или, во најекстремни околности, за војна.

Тој призна дека ваквите предупредувања можат да предизвикаат претерани реакции кај дел од населението, но истакна дека отпорноста на општеството „секогаш е важна за една земја“.

Британската влада веќе има официјални упатства за подготовка за вонредни ситуации. Тие не се однесуваат само на евентуален воен конфликт, туку и на поплави, пожари, прекини во снабдувањето со електрична енергија и други кризни околности.

На домаќинствата им се препорачува да имаат комплет за прва помош, батериска ламба, резервни батерии и радио што работи на батерии или со рачно навивање. На списокот се и одредена количина готовина, резерви од храна и вода, како и други неопходни средства.

Според актуелното истражување на британската влада за подготвеноста на населението, официјалните препораки предвидуваат залиха од храна што не се расипува и не бара готвење, како и флаширана вода. Во истражувањето за 2026 година како референтна количина се наведуваат околу три литри вода за пиење по лице дневно.

Владините упатства советуваат домаќинствата да обезбедат и преносна батерија за полнење мобилни телефони, неопходни лекови, важни телефонски броеви запишани на хартија и основен план за постапување во итна ситуација.

Целта на овие мерки е домаќинствата да можат самостојно да функционираат неколку дена доколку дојде до прекин на струјата, нарушување на водоснабдувањето, поплава, пожар или друга вонредна состојба.