Градскиот парк е формиран некаде 1930 година, а овој дел е изграден во 1970 година, и од тогаш ние немаме сериозна интервенција во овој дел од паркот. Станува збор за сериозно руинирани и сериозно девастирани патеки што веќе стануваат и критични за безбедноста на граѓаните, изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на денешната прес-конференција.
Шилегов истакна дека станува збор за инвестиција во вредност од 20 милиони денари, а површината од 20 илјади квадратни метри се очекува да биде готова во наредните 35 до 40 дена. Тој посочи дека со овие активности е предивдена и целосна замена на канделабрите, поставување нови клупи и канти за џебен отпад и кон средината на јули овој дел од паркот ќе добие целосно нов изглед.
– Се работи за квалитет на стази што ги нема во овој дел од Европа, а материјалот е одбран внимателно. Станува збор за прекрасна технологија што ќе се вклопи во природниот амбиент и конечно градот Скопје ќе добие Градски парк по сите светски стандарди, истакна градоначалникот на Скопје.
Тој додава дека новите патеки што ќе бидат направени ќе ги натераат скопјани се почесто да го посетуваат паркот и да уживаат во него и новите стандарди и услови што ќе ги нуди паркот.
Во врска со Луна Паркот, што впрочем се наоѓа во непосредна близина на новата инвестиција, Шилегов во одговор на новинарско прашање посочи дека изградбата на забавниот парк била предвидена да започне минатата година, но се одложи поради пандемијата на коронавирусот, а проектот за изведба како што најави тој, се очекува да биде готов кон средината на јули и во август да се распише постапката за изградба на забавниот парк во Скопје.