– Достапноста на е-услугите преку интернет со примена на стандардите за веб-пристапност на е‐услугите се уште не е на задоволително ниво. Движењето низ веб-порталите и обезбедувањето е-услуги, како и достапноста до информациите, упатствата и формуларите за одредена услуга не се унифицирани за сите ЕЛС, а проблематично е и пребарувањето на веб-содржините, соопшти ДЗР.

Државниот завод за ревизија во 2019 и 2020 година изврши ревизија на информациските системи како ревизија на успешност на тема „Квалитетот на услугите кои ги даваат ЕЛС преку своите веб портали” . Со ревизијата беа опфатени сите единици на локална самоуправа и градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа, или вкупно 81 ЕЛС, како и Министерството за локална самоуправа и Министерството за информатичко општество.

– Ревизијата го опфати периодот од 2016 до 2020 година, како и одредени области, прашања и настани и пред 2016 година и последователно до денот на известување за извршената ревизија. Со цел да биде зголемен опфатот на ревизијата, ревизорите доставија онлајн-прашалник до сите општини во РСМ, за прибирање податоци за квалитетот на услугите кои ЕЛС ги обезбедува преку своите веб портали. На доставениот прашалник одговорија вкупно 77 ЕЛС, а одговор не доставија следните општини: Арачиново, Сарај, Студеничани и Кичево, информира ДЗР.

Со извршената ревизија за квалитетот на услуги кои ги даваат ЕЛС преку своите веб-портали, ревизорите утврдиле дека 38 ЕЛС (49,3 отсто) немаат наведено на своите веб- портали информации за услугите што им ги обезбедуваат на граѓаните и правните лица; две ЕЛС (2,6 отсто) имаат недостапни веб-портали; 36 ЕЛС (46,8 отсто) немаат објавени формулари за услугите кои ги обезбедуваат; 39 ЕЛС (50,6 оттсо) немаат објавено информации кои се однесуваат на административните такси за услугите;23 ЕЛС (29,8 отсто) на своите веб-портали немаат воспоставена можност за електронско пријавување проблем при обезбедувањето на јавните услуги.

– Од декември 2019 година, во употреба е пуштен Националниот портал за е-услуги, кој треба да биде единствената врска на граѓаните со институциите. На порталот https://uslugi.gov.mk/ во текот на извршување на ревизија има понудени 810 услуги, од нив 151 електронска услуга (е-услуги), од различни дејности и институции, но нема ниту една електронска услуга која е во надлежност на ЕЛС. Планирањето на локалниот економски развој, утврдување на развојните и структурните приоритети, согласно законската регулатива е во надлежност на ЕЛС, наведува Државниот завод за ревизија.

Стратегија за локален економски развој немаат изготвено 35 ЕЛС (45,4 отсто), а дури 71 ЕЛС (92,2 отсто) немаат изготвено Стратегија за развој на информацискиот систем и употреба на информатичката технологија . Стратегијата за локален економски развој на својот веб-портал, пак, не ја објавиле 54 ЕЛС (70,1 ) .

– Иако транспарентноста и отчетноста во работата на ЕЛС се предвидени во Законот за локална самоуправа, Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и Законот за користење на податоци од јавниот сектор, кај поголем дел на ЕЛС е забележано отсуство на информации или нецелосни информации за користење на јавните средства од страна на единиците на локална самоуправа, односно недоволна буџетска транспарентност , а не е обезбеден ниту пристап до информации од јавен карактер или пак се објавени нецелосни информации од јавен карактер, наведва ДЗР во извештајот.

Во најголемиот дел од општините, ревизорите констатирале недоволни човечки и материјални ресурси, потребни за воспоставување е-услуги, како и непостоење анализа и утврдени минимални потребни ресурси неопходни за непречено обезбедување квалитетни услуги преку веб-порталите на ЕЛС.

Кај најголемиот дел од општините е детектирано нефункционално решение за следење на состојбата на давање услуги од субјектите кои вршат јавни услуги, како и отсуство на редовно следење на квалитетот на јавните услуги на локално ниво. Истовремено, дел од општините немаат обезбедено безбедносен HTTPS протокол за пристап до веб-порталите, со кој би се овозможила безбедна размена на електронски пораки и податоци.

Ревизорите во извештајот препорачуваат дека е неопходно надлежните институции да преземат активности и конкретни мерки во функција на подобрување и унапредување на квалитетот на услугите кои ги даваат ЕЛС преку своите веб-портали, како и зголемување на бројот на е-услуги.

– Дополнително, потребно е да се дејствува проактивно во насока на подигнување на јавната свест на граѓаните за користењето на услугите по електронски пат, како и едукација во делот на придобивките од ваквиот начин на реализирање на услугите наместо на традиционалниот начин, особено во услови на пандемија како што беше случајот со вирусот Ковид-19, наведува ДЗР во ревизорскиот извештај.