Франција, Германија, Италија, Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави и ЕУ го поздравуваат националниот референдум за уставните измени во Србија како клучен чекор во зајакнувањето на независноста на судството и подобрувањето на транспарентноста и ефикасноста на институциите за владеење на правото во земјата
Утринава ширум Србија во 07:00 часот беа отворени избирачките места за референдумот за промена на Уставот, чија цел се судските реформи и усогласување на домашното и европското законодавство во процесот на пристапување на Србија во Европската Унија.

Промените на Уставот треба да ја зајакнат независноста и ефикасноста на судството, а меѓународната заедница и Брисел го гледаат како „клучен чекор“ во процесот на европска интеграција.

Франција, Германија, Италија, Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави и ЕУ го поздравуваат националниот референдум за уставните измени во Србија како клучен чекор во зајакнувањето на независноста на судството и подобрувањето на транспарентноста и ефикасноста на институциите за владеење на правото во земјата, пишуваат медиумите во регионот.

Во новинарските написи се анализира дека владејачките партии и највисоките владини претставници – од претседателот и премиерот до министрите, ги повикаа граѓаните да го ратификуваат Законот за уставни промени, велејќи дека судските реформи во согласност со ЕУ ќе продолжат како услов за понатамошна реформа на правниот систем и постигнување подобри оценки.