Паралелно, ги повикуваат верниците „да го слушаат гласот на науката и на експертите“ и додаваат дека многу пати, преку социјалните мрежи се шират непроверени ставови, „на кои им недостасува научност, но и црковен дух“.
Затоа, заедно со циркуларното писмо, за информирање, како на верниците, така и на свештените лица, изготвен е мал прирачник „Христијаните нè прашуваат за вакцината, а лекарите ни одговараат“, кој содржи одговори на 12 прашања, теории, митови, сомнежи поврзани со вакцината против Ковид-19, меѓу кои и оние дека „вакцината содржи микрочип“ или „клетки од ембрион“ или „ги менува личните особини“.
-Вакцините против Ковид-19 не содржат микрочип. Ова се нереални теории кои се темелат на кампања на интернет за дезинформација, пишува во одговорот на надлежните лекари на прашањето за микрочиповите.
За теоријата дека „вакцината содржи клетки од ембрион и кога ќе ја примиш е како да го убиваш ембрионот за ти да живееш“, лекарите, во одговорот објаснуваат дека „ниту една од вакцините што се користат во Грција не содржи ембрионални клетки“, а категорични се и во однос на прашањето дека по вакцинацијата се контролираат личните особини.
-Вакцината не влијае на личните особини на вакцинираното лице, пишува во одговорот во упатствата „Христијаните не прашуваат за вакцината, а лекарите ни одговараат“.
Одговорите на прашањата се куси и јасни, а опфатени се теми поврзани и со репродуктивното здравје на вакцинираните, разликата меѓу традиционалните вакцини и mRNA вакцините, мутацијата Делта итн.
На крајот од прирачникот, од ГПЦ истакнуваат дека имаат доверба во научната заедница, „која деноноќно се бори за ослободување на луѓето од смртоносната пандемија“, а човештвото веќе има на располагање вакцина, која може да подигне ѕид во ширењето на пандемијата.
Додаваат дека вакцинацијата е најголем чин на одговорност кон ближните, а вакцината не е во никаква спротивност со учењето на црквата.
-Па така, членовите на црквата можат слободно, според упатството на нивниот лекар, да изберат чин на вакцинација, без било каков страв дека овој избор ќе влијае врз нивниот однос со Бога и црквата, пишуваат од ГПЦ.
На последниот состанок на Светиот синод на ГПЦ минатата седмица, присутни беа и министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас и епидемиологот Сотирис Циодрас кои членовите ги информираа како за вакцината, така и за текот на пандемијата во земјата.