Гроси, кој е генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), неделава го посети Иран. Неговата посета доаѓа пред разговорите закажани за следната недела во Виена на кои се очекува да се оживее договорот од 2015 година меѓу Иран и светските сили.

Гроси во Техеран се состана со шефот на Организацијата за атомска енергија на Иран и министерот за надворешни работи на Исламската Република. Тој се обиде да го убеди Иран повторно да инсталира четири камери на МААЕ во работилницата за делови за центрифуги во Караџ. Иран тврди дека работилницата била цел на саботажа.

Иран на почетокот на оваа година престана да им дозволува на инспекторите на агенцијата на ОН да вршат вонредни инспекции што се бараат според договорот од 2015 година. Но потоа со посредство на Гроси повторно беше дозволено да продолжат да работат камерите на МААЕ во нуклеарните постројки, освен на овие во Караџ, затоа што Техеран тврди дека спроведува истрага за наводниот чин на саботажа од страна на Израел во објектот.

Гроси денеска пред Бордот на гувернери на МААЕ изјави дека преговорите не резултирале со никаков пробив во врска со камерите во објектот во Караџ.

-И покрај моите најдобри напори, овие опсежни преговори и размислувања за решавање на отворените прашања, детално опишани во двата извештаи, се покажаа како неубедливи, изјави Гроси пред Одборот кој брои 35 члена.

Шефот на атомската агенција на ОН во посета на Иран
И покрај неубедливите резултати од патувањето на Гроси, дипломатите рекоа дека одборот на МААЕ најверојатно нема да преземе дејствија против Иран поради страв дека може да им се наштети на претстојните разговори за заживување на договорот од 2015 година.