Во 2020 година, околу 1,30 милијарди луѓе во светот консумирале тутун, што е намалување од 1,32 милијарди од две години претходно, објави СЗО во новиот извештај.

Се очекува тој број да се намали на 1,27 милијарди до 2025 година, што укажува на пад од околу 50 милиони пушачи во период од седум години, иако светската популација се зголеми.

Извештајот покажа дека уште во 2000 година, речиси една третина од светската популација на возраст над 15 години користела тутунски производи, но се очекува дека до 2025 година само околу една петтина да го прави тоа.

Посебно е намален бројот на корисници на тутун кај младите. Уделот на пушачите во популацијата на возраст од 15 до 24 години во 2000 година во светот беше 20,8 проценти (секој петти пуши) а сега е 14,2 проценти (секој седми пуши). Иако бројките се намалуваат, во извештајот се посочува дека 36,7 отсто од сите мажи и 7,8 отсто од жените во светот сè уште користеле тутунски производи минатата година. Уште позагрижувачки е фактот што 38 милиони тинејџери на возраст од 13 до 15 години го прават истото.

Ова сочинува 10 проценти од сите адолесценти во таа возрасна група со момчиња кои пушат многу почесто од девојчињата. Се проценува дека пушењето убива повеќе од осум милиони луѓе секоја година, најмногу поради директна употреба на тутун и 1,2 милиони поради изложеност на активно пушење.