Четириесет и четиригодишна жена беше убиена утринава со огнено оружје во нишката населба Палилула, откако напаѓачот ја застрелал пред нејзината семејна куќа. Осомничениот Д.Г. е уапсен неколку часа по злосторството, потврдија српските медиуми.

Според досегашните информации, жртвата А.Ш. претходно го однела своето дете во градинка, а при враќањето кон домот била пресретната од напаѓачот, кој, како што се наведува, ја чекал во заседа.

Неофицијалните информации укажуваат дека осомничениот бил запознаен со секојдневните движења на жртвата. Кога таа влегла подлабоко во улицата што води кон нејзиниот дом, тој испукал неколку куршуми од пиштол. Безбедносни камери од блиска куќа наводно го снимиле нападот. По првичните истрели, напаѓачот се оддалечил, но потоа се вратил и испукал уште еден, „контролен“ истрел.

Еден од соседите, кој во моментот на пукањето бил на улицата, ги опишал сцените за српските медиуми.

– Слушнав истрели рано наутро, истрчав надвор и видов жена како лежи во локва крв. До неа стоеше маж со пиштол. Ме погледна и рече: „Нема тебе, бегај!“, а потоа исчезна во околните премини – изјавил сведокот.

Тој додал дека ги познава и жртвата и осомничениот, наведувајќи дека напаѓачот наводно ѝ бил кум на убиената жена. А.Ш. била поранешна ракометарка.

Според изјави на мештаните, жртвата живеела со својата мајка и со детето, откако се развела од сопругот Ѓорѓе М. Тој загинал во 2017 година во експлозија на автомобил, кратко време по разводот.

По пријавата за убиството, нишката полиција ги блокирала излезите од градот и клучните сообраќајници во населбата Палилула. На местото на настанот интервенирале полициски екипи, форензичари и дежурниот обвинител од Вишото јавно обвинителство во Ниш.

Осомничениот е уапсен, а истражните органи проверуваат дали имал соучесници или лица кои можеби биле сведоци на злосторството. Се анализираат и снимките од безбедносните камери во околината.

Мотивот за убиството сè уште не е официјално потврден, а истрагата не ја исклучува можноста станува збор за нерасчистени сметки од минатото.

А.Ш. била поранешна сопруга на Ѓорѓе М., кој загина во декември 2017 година во нишката населба Дурлан, кога експлодирала импровизирана експлозивна направа.

– Ѓорѓе М. загина кога импровизирана експлозивна направа, што се обидел да ја постави под автомобил „Голф 5“, експлодирала во неговите раце. Истрагата во тоа време укажуваше дека тој бил оперативец во војната меѓу криминалните кланови што го потресуваше Ниш во тие години – изјавил извор близок до истрагата.

Телото на убиената е префрлено во Институтот за судска медицина, каде ќе биде извршена обдукција, додека полицијата продолжува со расветлување на сите околности поврзани со убиството.