Забраната за користење социјални мрежи за деца помлади од 15 години во Грција ќе почне да се применува на 1 јануари 2027 година. Деталите за мерката ги презентираа грчки владини претставници во програма во живо на каналот ERT News, пренесува БТА.

На прес-конференција во понеделникот беше соопштено дека законскиот предлог за ограничувањата се очекува да биде изгласан во грчкиот парламент на 22 октомври. Во презентацијата учествуваа државниот министер Акис Скерцос, министерот за здравство Адонис Георгиадис и министерот за дигитална администрација и вештачка интелигенција Димитрис Папастергиу.

Со законот ќе им се забрани пристапот до платформи како Facebook, TikTok и X на децата под 15 години. Ограничувањето ќе важи и за други мрежи што користат алгоритми дизајнирани да поттикнуваат долготрајно консумирање дигитална содржина.

Скерцос рече дека Грција сака мерките да ги спроведе во целосна согласност со законодавството на Европската Унија. Тој оцени дека грижата за безбедноста на децата на интернет не треба да биде само обврска на родителите, туку одговорност што ја делат и технолошките компании и државата.

Посочувајќи ја Австралија како пример за земја што вовела слични мерки, Скерцос нагласи дека Грција треба да го усогласи националното законодавство со правилата на ЕУ.

Георгиадис презентираше податоци според кои повеќе од половина од грчките средношколци почнале да користат социјални мрежи на возраст меѓу 10 и 12 години. Истражувањето покажало дека секој четврти ученик признава прекумерно користење на платформите. Секое петто дете, пак, чувствува вознемиреност, несигурност или тешкотии со концентрацијата кога нема пристап до паметен телефон.

Премиерот Киријакос Мицотакис ја најави забраната во април. Првичните очекувања беа законските измени да бидат усвоени во текот на летото.