Забрана за комерцијални активности на стотици плажи

Грција прогласи 251 плажа за целосно заштитени подрачја, каде се забрануваат сите видови градби и поставување опрема за плажа. Мерката опфаќа и изнајмени лежалки, чадори за сонце и привремени конструкции, со цел зачувување на природната состојба на крајбрежјето.

Одлуката е донесена од грчкото Министерство за заштита на животната средина, кое наведува дека целта е заштита на плажите со висока еколошка и естетска вредност.

Дел од плажите под режим НАТУРА 2000

Голем дел од овие плажи се наоѓаат во мрежата НАТУРА 2000, што значи дека подлежат на построги правила за заштита. На овие локации не е дозволено доделување право за користење на брегот, ниту активности што би ја менувале природната форма.

Забранети се и интервенции што можат да влијаат врз живеалиштата на растителни и животински видови.

Цел: Ограничување на туризмот и заштита на природата

Мерката е дел од поширока стратегија за намалување на притисокот од масовниот туризам. Се нагласува дека крајбрежните екосистеми се сè поизложени на климатски промени и интензивен развој.

Со новите правила се цели кон поодржливо управување со грчкото крајбрежје и зачувување на природните ресурси.