Првиот вицепремиер Артан Груби на својот фејсбук профил објави фотографии од вчерашниот митинг на Демократската унија за интеграција во Чаир, локација која се смета за своевидна база односно упориште на фракцијата Огнени во таа партија.
На фотографиите се гледа дека салата е преполна, со голем број присутни членови и симпатизери на ДУИ.
„Синиот океан на Чаир му припаѓа само на Али Ахмети! Ве сакам многу“, напиша Груби на фејсбук заедно со објавените фотографии.
Ахмети на митингот кажа дека е горд на функционерите на ДУИ во Владата, а Груби рече дека останува со подадена рака за обединување, при што сигурно се мислеше на Огнените.
Инаку, пред митингот Огнените обвинија дека Артан Груби вршел притисок врз членовите на ДУИ кои се вработени во администрацијата, дека мора да присуствуваат на овој партиски собир, со цел да покажат масовност.
Потоа груби пред телевизиски камери прашуваше дел од присутните дали тие се со сила донесени на митингот, на што тие одговараа дека тука дошле доброволно.