Надмината е и последната законска пречка во насока на реализација на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата земја и сега ќе се преговара за договорот за неговата изградба со компанијата Бехтел – Енка, информира првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби на Фејсбук.

Тој упати благодарност до уставните судии за, како што вели, покажаниот професионализам, до колегите министри, пратениците и сите кои се дел од остварувањето на големиот сон.

-Се остварува најголемиот инфраструктурен проект во Република Северна Македонија, градејќи го Коридорот 8 или завршувајќи ја клучката, што значи почнувајќи од Блаце до Ќафасан ќе се гради автопат. И последното законско оспорување што го направи Агенцијата за антикорупција во Уставниот суд денеска пропадна, бидејќи Уставниот суд го потврди усвоениот закон во Собрание и веќе нема никаква законска пречка за да го оствариме сонот на сите граѓани – тоа е поврзување со автопат од Ќафасан со Албанија до Блаце со Косово, изјави Груби по настанот за избор на ТОП 100 најдобри компании во земјава.

Според најавите од Бехтел – Енка, како што информира, автопатот е поделен на три секции: првата Гостивар – Кичево, значи автопат над Стража, втората Тетово – Гостивар што се проширува со по една лента од двете страни и со спореден пат и третата Требеништа – Ќафасан.

-Првите две секции треба да завршат до крајот на 2024 година, додека третата до 2025 година кога треба да биде завршена и патот Блаце до обиколницата на начин да се направат и клучката за којашто зборувам, најави Груби.

Прашан дали новиот мандатар на Владата ќе го почитува договорот за премиер Албанец во последните 100 дена од мандатот, Груби рече дека ова е договор за кој се договориле и е завршено.

– На последните 100 дена од владеење албански премиер предложен од редовите на ДУИ како што стои во потпишаниот договор ќе се потврди и со новиот мандатар, рече Груби.