Поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој од 2018 година живее во Будимпешта, добил целосно унгарско државјанство во 2022 година, објави истражувачкиот портал „VSquare“, повикувајќи се на извори од унгарската влада. Според истите извори, Груевски и натаму престојува во Унгарија, што значително ги намалува шансите за негова екстрадиција во Северна Македонија.
Според порталот, државјанството му било доделено врз основа на „државен интерес на Унгарија“, а тоа му обезбедува многу посилна правна заштита од политичкиот азил што претходно го доби од владата на Виктор Орбан.
„VSquare“ наведува дека, за разлика од азилот, кој може да биде укинат, одземањето државјанство е сложена правна процедура и би барало да се докаже дека е стекнато со измама или корупција. Во конкретниот случај, тоа би значело истрага и за највисоки претставници на тогашната унгарска власт.
Премиерот Петер Маѓар уште при стапувањето на функцијата најави дека Унгарија повеќе нема да служи како засолниште за меѓународни криминалци. Двајца од најпознатите „станари“ на таквиот систем експресно реагираа и ја напуштија земјата. Поранешниот полски министер за правда Збигњев Зјобро, кој доби азил по бегството во Унгарија во 2025 година, беше забележан на аеродромот „Њуарк Либерти“, САД во мај годинава.
Неговиот поранешен заменик Марчин Романовски, кој кон крајот на 2024 година избега во Будимпешта по обвиненија за злоупотреба на јавни средства, наводно не успеал да влезе во САД и подоцна бил забележан во Србија и Хрватска, додека полските служби трагаат по него.
Извор: Нетпрес
