Томографот од следната недела ќе биде ставен во функција за граѓаните

Компјутерскиот томограф за струмичкиот регион од следната недела ќе биде инсталиран и ставен во функција согласно сите стандарди, со што граѓаните ќе добијат нова дијагностичка услуга, изјави министерот за здравство Азир Алиу во Собранието.

Тој одговараше на пратеничко прашање за состојбите во струмичката болница, нагласувајќи дека институцијата била затекната со значителни долгови, но дека состојбата постепено се подобрува.

„Болницата во Струмица ја наследивме со над 100 милиони денари долгови. Денес, со добро менаџирање на таа институција, долгот веќе се намалува за 20 милиони денари. Продолжуваме да ја реорганизираме буџетската линија и функционалностите во таа болница“, рече министерот Алиу.

Тој додаде дека во болницата веќе е реконструиран еден оддел, кој е во фаза на технички прием и наскоро ќе биде ставен во функција.

Инвестиции во регионалното здравство и нови проекти

Алиу истакна дека Струмица е дел од поширокиот процес на зајакнување на регионалните здравствени капацитети, со цел пациентите да добиваат поквалитетни услуги поблиску до местото на живеење.

Тој се осврна и на состојбите во други региони, посочувајќи го примерот со Битола.

„Во Битола онколошкиот центар е еден од најмодерните, но за жал, во минатото не е инвестирано доволно во технологии. Таму имаме двајца онколози и работиме заедно со Клиниката за радиотерапија и онкологија за онколошките услуги да бидат достапни за граѓаните од тој регион“, изјави Алиу.

Голем инвестициски циклус и дигитализација во здравството

Министерот најави и значајни инвестиции во здравствената инфраструктура, со посебен акцент на Штип, Кичево и Тетово.

„Со Владата имаме план да се инвестираат 205 милиони евра во Штип, Кичево и Тетово“, рече Алиу, додавајќи дека целта е модерна и функционална здравствена инфраструктура.

Тој посочи дека дигитализацијата е еден од клучните процеси во реформите.

„Од аспект на дигитализација, сега ја подготвуваме Националната стратегија за дигитална трансформација на здравството, која наскоро ќе биде значаен дел од реформските процеси на Министерството за здравство. По 12 години инвестираме и во дигитална инфраструктура, во дата центарот“, истакна министерот.

Алиу заклучи дека целта е создавање здравствен систем што ќе биде инфраструктурно посилен, дигитално поврзан и подостапен за граѓаните во сите региони.