Новиот систем за влез и излез (EES) на Европската Унија предизвика хаос на граничните контроли на аеродромите минатиот викенд, со редици што траеја до три часа и пријави за заглавени патници кои пропуштиле летови, објави Euronews.
По серија одложувања и фазни подготовки, биометрискиот систем за гранична контрола беше официјално воведен низ Шенген зоната во петок, 10 април, и сега е во сила во 29 европски земји.
Овој систем се однесува на патници кои не се државјани на ЕУ кои влегуваат во некоја од Шенген земјите за краток престој до 90 дена во период од 180 дена. Тој го заменува рачното печатирање на пасошите со дигитални записи за влезови, излези и одбивања за влез, додека собира биометриски податоци како што се фотографии на лицето и отпечатоци од прсти заедно со податоците од пасошот.
Прекини и доцнења
На патниците им се советува да пристигнат на аеродромите многу порано од вообичаеното. Сепак, првиот ден од целосната имплементација минатиот петок беше „обележан со прекини во патувањето, доцнења и пропуштени летови“, според заедничката изјава на ACI EUROPE и Airlines for Europe (A4E).
Оливие Јанковец, директор на европскиот оддел на ACI, изјави за Фајненшл тајмс дека оваа ситуација во наредните недели, а секако и во текот на летните месеци, ќе биде едноставно неодржлива.
„Сега веќе ги гледаме тие времиња на чекање во редици, во шпицот, кога сообраќајот штотуку почнува да се зголемува“, рече тој.
Со недели, овие две организации предупредуваа на „оперативни предизвици“ при воведувањето на системот EES и наведуваат дека сега се материјализирале „големи загрижености“. Тие ја повикаа Европската комисија и земјите-членки на ЕУ „веднаш да воведат дополнителна флексибилност“ во функционирањето на новиот систем.
Во посебна изјава во понеделник, A4E беше уште построга, велејќи дека тричасовното чекање на граничната контрола не е „почетна фаза на прилагодување“ на EES, туку „системски неуспех“.
„Авиокомпаниите работат неуморно за да ги достават летовите до нивните дестинации на време – врвен приоритет и за патниците и за авиокомпаниите. Но, воведувањето на EES овој викенд покажа поинаква слика: прекини и прекумерно чекање – сè надвор од контролата на авиокомпаниите, што доведува до доцнења и пропуштени летови“, според A4E.
Групата додаде дека иако европските авиокомпании ја поддржуваат целокупната цел на EES за зајакнување на безбедноста на границите, ова „не смее да значи трајни и повторливи прекини во патувањето“.
A4E повика на поголема флексибилност во воведувањето на системот за да се обезбеди непречено функционирање.
„Единственото изводливо решение е Европската комисија да овозможи целосно или делумно суспендирање на EES до крајот на летото, каде што е потребно“, се вели во соопштението.
По целосното воведување на EES системот, беа регистрирани бројни инциденти и хаос во патувањето.
Требаше да има 156 патници на летот на EasyJet до Манчестер во Велика Британија на аеродромот Линате во Милано во недела. Сепак, по неколкучасовно чекање во ред, само 34 патници се качија во авионот, додека 122 останаа во Италија и „го гледаа својот авион како заминува без нив“, рече дописникот за патувања на „Индипендент“, Сајмон Калдер.
За да се вратат дома, едно семејство потроши повеќе од 1.600 фунти (1.838 евра) на лет со поврзување преку Луксембург, пристигнувајќи дома 24 часа подоцна.
Портпаролот на „EasyJet“ изјави за Би-Би-Си дека доцнењата на границата предизвикани од воведувањето на системот EES се „неприфатливи“.
„Продолжуваме да апелираме до граничните власти целосно и ефикасно да ги користат дозволените флексибилности колку што е потребно за време на имплементацијата на Европскиот систем за влез и излез, со цел да се избегнат такви неприфатливи доцнења на границата за нашите патници. Иако тоа не е под наша контрола, се извинуваме за непријатностите“, се вели во соопштението.
Што велат во Европската комисија?
Портпаролот на Европската комисија рече дека она што може да се види од првите денови на целосна имплементација е дека системот работи многу добро. Во повеќето земји-членки нема проблем, велат тие.
Комисијата изјави дека во просек пријавувањето на патник трае 70 секунди, иако ACI тврди дека може да потрае до пет минути, објавува Гардијан.
Портпаролот додаде дека во „неколку земји-членки е забележано присуство на технички проблеми“, но дека тие „се решаваат“.
„Од земјите-членки зависи да обезбедат правилна примена на системот EES на терен“, наведуваат тие.
Портпаролот додаде дека, откако EES беше воведен во октомври, регистрирани се повеќе од 52 милиони влезови и излези, како и повеќе од 27.000 одбивања за влез. Од нив, речиси 700 лица беа идентификувани како закана по безбедноста.
Во периодот пред Велигден и пред целосното воведување на EES на 10 април, на патниците што го преминуваат Ламанш од Велика Британија до Франција им беше кажано дека не треба да даваат биометриски податоци поради доцнења во развојот на технологијата во Франција потребна за собирање и обработка на податоците.
Проблемите со системот EES доаѓаат во време кога европските аеродроми се подготвуваа и за можни прекини во снабдувањето со гориво за авиони поради блокадата на Ормутскиот теснец. ACI предупреди во писмо до европските комесари за енергија и транспорт дека блокот може да биде три недели подалеку од системскиот недостиг.
Европа потроши околу 1,6 милиони барели гориво за авиони дневно минатата година, од кои увезуваше околу 500.000, според Меѓународната агенција за енергија, при што околу 75 проценти доаѓаат од Блискиот Исток.
Главниот извршен директор на најголемата европска авиокомпанија Ryanair, Мајкл О’Лири, рече дека EES предизвикува редици до четири часа на некои аеродроми, опишувајќи го системот како „целосна катастрофа и хаос“ и казна за Брегзит. Тој предложи ЕУ да ја одложи целосната имплементација до октомври.
Извор: Денар.мк
