Според полицијата, војникот е во бегство и вооружен со висококалибарско оружје, а во потрагата се вклучени околу 200 полицајци, како и екипи со полициски кучиња и хеликоптери.
Во моментов се пребарува областа околу југозападниот град Ле Лардин-Сен Лазар во регионот Дордоња.
Според полициските извештаи, станува збор за наводно 30-годишен маж кој ѝ бил познат на полицијата по семејно насилство.
Локалната власт ги повика граѓаните да останат во затворено додека не се најде овој поранешен војник.
Локалните медиуми пишуваат дека овој инцидент започнал во саботата вечер откако напаѓачот отишол во куќата на неговата поранешна девојка и го застрелал нејзиниот нов партнер. Таа и нејзините деца не беа повредени, но сега се под полициска заштита.
Кога полицијата пристигнала на местото на настанот, тој поранешен војник пукал кон полицајците, а потоа побегнал во блиската шума. Во пукањето никој не е убиен или повреден.
Напаѓачот веќе бил во затвор и носел електронска белегзија бидејќи бил во притвор.
-Веруваме дека оваа потрага за жал ќе трае долго бидејќи бегалецот воопшто не е склон кон дијалог, ниту е подготвен да се предаде, соопшти полицијата.