Министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зукан Хелез, во обраќањето пред студентите на Катедрата за безбедносни и мировни студии и Катедрата за политички науки на Факултетот за политички науки во Сараево рече дека БиХ ќе стане 33-та земја членка на НАТО алијансата.

Хелез рече дека нема алтернатива за членството во Северноатлантскиот договор (НАТО) и во Европската унија. Во сложените политички и безбедносни околности што владеат во Европа и светот, само НАТО може да понуди ефективен безбедносен чадор за сите граѓани на БиХ, рече Хлез.

Република Српска се противи на приемот на Босна и Херцеговина во НАТО алијансата, како што досега неколку пати истакна претседателот на Српска, Милорад Додик, кој посочи дека без нивна согласност тоа нема да биде возможно.

„Цврсто верувам дека огромното мнозинство од нашите граѓани ги поддржуваат вредностите што можеме да ги зачуваме со членство во НАТО. Надлежните политички тела на земјата веќе се изјаснија за ова. Финска стана 31-ва членка, а Шведска во моментов чека. Убеден сум дека ќе бидеме 33-та членка на НАТО“, рече Хелез, пренесе сараевскиот портал Кликс.

Тој е убеден дека во целата земја ќе преовладува политика која на прво место го има интересот на целото население на Босна и Херцеговина.

Хелез на Факултетот за политички науки го пречекаа деканот Сеад Турчало, продеканот за образование Елвис Фејзиќ, раководителот на Катедрата за безбедносни и мировни студии Мирза Смајиќ и раководителот на Катедрата за политички науки Елмир Садиковиќ.
Соговорниците, се наведува, се согласиле дека заеднички интерес е меѓусебната соработка дополнително да се проширува и дека особено може да дојде до израз при формирањето на идниот воен колеџ во БиХ, за што постои интерес и во земјата и во странство.

Хелез во своето воведно излагање ги претстави актуелните предизвици со кои се соочуваат денеска Министерството за одбрана и вооружените сили на Босна и Херцеговина. Тој особено зборуваше за бројните меѓународни средби на кои учествувал како министер за одбрана, но и како заменик-претседател на Советот на министри на БиХ, нагласувајќи ја важноста на сојузот со Соединетите Американски Држави.

Тој укажа на важноста од успешно усвојување на зголемениот воен буџет и го подигна материјалниот стандард на припадниците на вооружените сили на БиХ, проектот на нова многу модерна воена униформа за вооружените сили на БиХ, како и дополнителни набавки на американски хеликоптери, е доведен до крај.

Како главни безбедносни ризици, се додава, Хелез ги спомена војната во Украина и сајбер и хибридните закани за Босна и Херцеговина.