Членовите на Советот на ФИФА треба да ја добијат целата документација за пропаднатиот проект „ФИФА Форвард Ентерпрајз“ пред седницата на 15 октомври, побара претседателката на англиската Фудбалска асоцијација, Деби Хјуит. Таа му се обратила на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, а писмо испратила и до генералниот секретар Матијас Графстром.
Хјуит, која е и потпретседателка на ФИФА, бара да се разјасни како настанал проектот, кој учествувал во неговата подготовка и на кој начин бил избран потенцијалниот приватен инвеститор. Таа побарала и независна проверка на целиот процес.
Планот за „ФИФА Форвард Ентерпрајз“ предвидувал комерцијалните и оперативните активности поврзани со Светското првенство и другите натпреварувања на ФИФА да се префрлат во посебна компанија, во која приватен капитал би добил удел. ФИФА тврдеше дека ќе ја задржи контролата и дека дополнителните приходи ќе бидат наменети за развој на фудбалот. По силниот отпор, организацијата се откажа од планот и најави дека на својот Совет ќе му претстави анализа за пропаднатиот предлог.
Хјуит побарала и писмено објаснување за одлуката поврзана со суспензијата на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун, на кого му било овозможено да продолжи со настапите на Светското првенство.
Во меѓувреме, УЕФА побарала од американски суд пристап до документи и сведочења за проектот. Тие би можеле да се користат во евентуална постапка во Швајцарија, но засега против Инфантино не е поднесено такво обвинение.
ФИФА ги отфрла критиките и ја обвини УЕФА дека води „кампања за оцрнување“ на организацијата и нејзиното раководство. УЕФА, пак, продолжува да бара пристап до документацијата.
Спорот се отвора неколку месеци пред изборите за претседател на ФИФА во март 2027 година, на кои Инфантино планира повторно да се кандидира.
