Пет години од прогласувањето на Шар Планина за Национален парк

По повод петгодишнината од прогласувањето на Шар Планина за Национален парк, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, најави нови инвестиции и дополнителни мерки за заштита и унапредување на ова заштитено подрачје.

При посетата на Националниот парк, Хоџа оцени дека во изминатите пет години е воспоставен модерен и функционален систем за управување со еден од најзначајните природни ресурси во државата.

Според него, постигнатите резултати се плод на заедничката работа на институциите, локалното население и донаторската заедница.

„Нашата цел е јасна. Развој, но во хармонија со природата. Нема да дозволиме профитот да ја уништи природата“, истакна Хоџа.

Тој посочи дека во тек е подготовка на Стратегија за туризам за подрачјето на Националниот парк, која треба да обезбеди одржлив развој и подобро управување со туристичките потенцијали на Шар Планина.

Средствата од надоместоците ќе се враќаат во паркот

Министерот изрази поддршка за целосна примена на екосистемските надоместоци, нагласувајќи дека средствата треба директно да се инвестираат во Националниот парк.

Како што беше посочено, тие ќе бидат наменети за подобрување на животната средина, унапредување на планинската инфраструктура и зајакнување на капацитетите на ренџерските служби.

Дополнително, годинава Јавната установа Национален парк Шар Планина ќе добие поддршка од Министерството за животна средина за унапредување на системите за рана детекција и следење на шумските пожари.

Поддршката ќе се реализира преку инвестиции во современ објект, со цел поефикасна превенција и побрза реакција при евентуални пожари.