Семејство на донор со одлука што овозможи нова шанса за живот
Во тежок момент по загуба на близок член, едно семејство донело одлука со која се овозможени две трансплантации и спасени човечки животи.
Како што информира министерот за здравство Азир Алиу, со трансплантација на црн дроб е спасен животот на 67-годишен пациент, додека 51-годишна пациентка добила бубрег и нова шанса за поквалитетен живот.
„Овие медицински интервенции се воедно и приказни за надеж, за солидарност, за највисок чин на алтруизам. Нема поголем чин од тоа во момент на болка да подарите живот. Ова семејство покажа што значи вистинска хуманост, нивната одлука ќе живее преку тие на кои им е дадена нова шанса“, изјави министерот.
Двата пациенти се во добра општа состојба и се пуштени на домашно лекување.
Секоја трансплантација е човечка приказна за храброст
Националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, истакна дека согласноста на семејството била клучна за реализација на интервенциите.
„Огромна благодарност за семејството без чија согласност немаше да биде можно да се извршат овие трансплантации. Зад секоја трансплантација стои човечка приказна. Овој пат е приказна за храброст и дарување живот. Тоа е највисокиот чин на солидарност што едно општество може да го има“, изјави таа.
Медицински тимови со заедничка координирана интервенција
Во процесот учествувале повеќе медицински тимови од неколку клиники, меѓу кои Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, Клиниката за дигестивна хирургија, Клиниката за урологија, Клиниката за гастроентерохепатологија, Клиниката за нефрологија и Институтот за трансфузиологија.
Од институциите е упатена благодарност за нивната координирана и посветена работа во реализација на трансплантациите.
