Намалување на цените на горивата и нов пакет мерки за енергетскиот пазар

Од утре се очекува намалување на цените на горивата, најави премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција во Владата. Според владините проценки, Регулаторната комисија за енергетика треба да донесе одлука со која бензините и дизелот ќе поевтинат во просек за околу денар и половина.

Премиерот посочи дека паралелно продолжува и договорот со компанијата ОКТА, со кој дизелот е поевтин за два денара по литар, а бензините за три денари. Според него, овие мерки придонесуваат за стабилизирање на цените на домашниот пазар.

„Очигледно е дека мерките на Владата придонесоа да сме трета земја во Европа според обемот на мерки кои се имплементирани за да се амортизира енергетската криза и да бидеме држава со најниска цена на горива. Ова го кажува Меѓународниот монетарен фонд“, изјави Мицкоски.

Акцизи и ДДВ како инструменти за ублажување на ценовните шокови

Мицкоски нагласи дека Владата навремено реагирала на енергетските предизвици и дека политиките се прилагодуваат на глобалните движења на цените преку фискални инструменти како акцизите и ДДВ.

Тој додаде дека целта е да се задржи ценовната стабилност и да се заштити економијата од надворешни шокови.

Мицкоски ја обвини СДСМ за ширење дезинформации

Во своето обраќање, премиерот ја критикуваше опозициската СДСМ, обвинувајќи ја за дезинформации во јавноста.

„СДСМ лажеше за мигранти, лажеше дека ќе сме банкротирале, лажеше дека нема да има за пензии, па така излажа и за мерките кои ги применивме. Подготвени ја пречекавме енергетската криза која зависи од геополитичките случувања. Според Меѓународниот монетарен фонд ние сме на третото место во Европа“, изјави Мицкоски.