– Пругата ќе заврши за време на моето раководство, прво поради ангажманот и посветеноста на екипата која ја водам, а понатаму ја имам и поддршката не само од владата и владините институции, туку и од Европската комисија, рече Локвенец, на прашањето од новинарите кој директор по ред е што ветува завршување на пругата во разумен рок.

Изградбата на пругата од Коридорот 8 од 89 километри се одвива во три фази, а Локвенец се заблагодари до Европската банка за обнова и развој и Европската инвестиоциона банка за големата поддршка со кредитирање и доделување грантови.

– За втората фаза обезбедени се 68 милиони евра како неповратен грант и уште 60 милиони евра за фазата до границата. Станува збор за делница на која ќе има 100 моста и 40 тунели, изјави Локвенец.

Информираше дека на 26 февруари успешно било аплицирањето преку Вестерн Балкан Инвестмент Фрејмворк за 182 милиони евра европски инвестициски грант и најави нови вработувања поради најавата за пензионирање на голем број работници.

– Реална е поотребата од вршители на дејност на самата пруга. Од структурата на вработени, 80 отсто се вршители на дејност, 10 администрација и 10 помошно-технички персонал. Следниот период ќе имаме обновување на кадарот, станува збор за искусни и квалитетни луѓе пред пензионирање, додаде Локвенец.

За последниот квартал од 2020 бројките вели дека биле немилосрдни за финансиското работење. Пред пресметката на амортизација, последното тромесечие покажува добивка од 37 милиони денари, но со пресметатана амортизација минусот е 87 милиони денари. 120 милиони денари квартално изнесува негативата од самата амортизација.