Сепак синоќа во телевизиско гостување, вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски најави дека во вторник, на следната владина седница, ќе биде предложен новиот пакет мерки кои ќе ги опфати сите субјекти кои беа затворени во изминатите 14 дена.

– Ќе бидат донесени, нови десетина мерки во интерес и на компаниите и на граѓаните, најави Николовски.

Инаку денеска треба да се одлучи дали ќе продлжат рестрикциите кои истекуваат утре а според кои не работат угостителските објекти, фитнес салите и обложувалниците, освен со пулт за наплата. Од туристичко-угостителската комора на Македонија најавувајќи го протестот рекоа дека признаваат само директни неповратни грантови, бидејќи банките и извршителите веќе започнале да им го одземаат имотот. Протестот требаше да започне во 12.00 часот и да трае до прифаќање на барањата за помош на секторот угостителство.

– Бараме еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителските објекти, поделени во 3 категории врз основа на големината на бројот на вработени во 2020 година. Еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада, и кои со месеци немаат никаква помош. Утврдување на мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојна банка, се додека не ни дозволи владата да работиме без рестрикции за нашиот сектор, се вели во одлуката на комората.

Дали најавата за нови мерки ќе смени нешто и дали ќе има протест ќе биде јасно денеска.

Претходно и туристичките агенции најавија дека ќе се придружат на овој протест.

– Проблемот со кој се соочуваат туристичките агенции е континуиран и се однесува на немање можност за работа, плаќање на режиски трошоци и трошоци за плати, без да се остваруваат никакви приходи. Заради тоа што сме дел од економијата на нашата земја во која придонесуваме и сме дисциплинирани во плаќање даноци и такси во нормални услови на живот и работа, инсистираме да ни се помогне да опстанеме во овој тежок период за нас и да не се дозволи секторот туризам да се уништи и да згасне, изјави Ана Марија Алексова.