Извонредните македонски оперски имиња со интернационална уметничка кариера, Игор и Ана Дурловски, вечерва ќе настапат во рамки на фестивалот „Охридско лето“ заедно со камерниот оркестар „Ајга“ под диригентската палка на маестра Ана Спасовска. Концертот ќе се одржи на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот.
Басот Игор Дурловски дипломира и магистрира на ФМУ во Скопје со највисоката оцена „Cum Laude“. Дебитира во Македонската опера и балет во 1999 година и има учествувано во петнаесетина нови продукции.
Македонската сопранистка Ана Дурловски студиите ги завршува на ФМУ – Скопје, а на оперската сцена дебитира како Лучија од Ламермур во истоимената опера на Доницети во Македонската опера и балет, по што ѝ се отвораат и вратите на оперите во Србија, Босна, Хрватска и во Албанија.
Од 2015 година Ана Дурловски е носителка и на највисокото државно признание – титулата „Национален уметник на Р. Македонија“.
Камерниот оркестар „АЈГА“ е формиран во септември 2022 година и во него членуваат истакнати имиња на концертната сцена кај нас, предводени од концерт мајсторот Ева Богоевска. Оркестарот во различни формации (камерен, гудачки, симфониски) реализира повеќе концерти што предизвикаа бројни воодушевувачки импресии и кај публиката и кај музичката критика.
